Лекарите му дадоа оправдание: Македонија дефинитивно без Димитријевиќ во Талин!

Кошаркарот кој од Перо Антиќ и сегашното раководство на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) го доби признанието за играч на 2019 година, Ненад Димитријевиќ, дефинитивно ќе ги пропушти претстојните квалификациски средби со Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември), откако денеска доби - лекарско оправдание.

Плејмејкерот на Хувентуд не играше и на претходното гостување на жолто-црвените кај Русија во февруари, по болката во препоните која ја почувствува во претходниот меч со Естонија. Тој, на барање на спортскиот директор на КФМ, Тодор Гечевски, направи детални прегледи, по кои лекарската препорака е да продолжи со опоравување по прележаниот коронавирус.

„Препораките на лекарите, по вчерашните детални прегледи, се дека дека Димитријевиќ во овој момент не е во можност максимално да тренира и да одговори на напорите кои со себе ги носат патувањето до Талин, тренинзите и одигрување на два натпревари во така краток временски период. Особено што, како што потенцираа докторите, Димитријевиќ се враќа по прележувањето на вирусот Ковид-19, а поради кој мораше да има дополнителен лекарски, односно болнички надзор, во период од две недели“- појаснува спортски директор на нашите национални селекции.

Без разлика што повредите и болестите, веќе втор циклус по ред го спречуваат Нено да игра за Македонија, Гечевски уште еднаш сака да потенцира дека здравјето на нашиот млад репрезентативец е пред било кој настап, тренинг или играње на некој натпревар. Без разлика што на двата меча во Талин се решава судбината на македонската кошарка, бидејќи можат да ја остават без допирна точка со европската елита во следните пет-шест години.

„Од тие причини, а пред сè поради здравјето на Нено и во интерес на македонската репрезентација чиј дел треба да биде во наредните 10-15 години, ние, како раководен тим во федерацијата, заеднички одлучивме дека тој не треба да патува. Дека треба под лекарски надзор, полека треба да им се враќа на оние нормални кошаркарски активности, за да дојде во ситуација повторно да биде оној што беше пред да дојде во ваква ситуација која ја предизвика коронавирусот. Да тренира и игра најдобро што знае и умее“, дополнува Гечевски за оправданото отсуство на младиот бек од турнирот во Талин.

Колку за споредба, самиот Гечевски дури ниту скршената рака не го спречи да игра за Македонија на историскиот настап на ЕП 2011 во Литванија, кога жолто-црвените завршија како четврти во Европа.