Лебедова песна: „Дедото“ Скола и со 40 години во најдобрата петорка на СП

Завршната церемонија по големото финале на Светското првенство во кое Шпанија убедливо ја совлада Аргентина, ги откри кошаркарите кои добија индивидуални награди, а меѓу кои највпечатливо е присуството на аргентинскиот ветеран Луис Скола.

Легендата на светската кошарка за некој месец ќе наполни 40 години, но тоа не го спречи да биде дел од најдобрата петорка на Мундобаскетот во која уште се најдоа Богдан Богдановиќ (Србија), Еван Фурние (Франција), Рики Рубио (Шпанија) и Марк Гасол (Шпанија). Скола воедно е единствениот од групата кошаркари кои го одбележаа собирот на најдобрите светски селекции кој во моментов не настапува во НБА.

За најкорисен кошаркар, пак, е избран бекот на новиот светски шампион, Шпанецот Рубио. Најдобар стрелец, пак, е Србинот Богдановиќ со 183 постигнати поени, само еден повеќе од бекот на Австралија, Пети Милс.