Крстевски: Секоја чест за Шпанија, ама нема однапред да ѝ се предадеме!

Македонската кошаркарска репрезентација задутре, во салата „Јане Сандански“, против актуелниот првак Шпанија (19.30 часот), ќе го почне дебитантскиот настап во квалификации за едно Светско првенство, со желба да се прикаже во добро светло без разлика на силината на противникот.

Така мисли и новиот капитен на националниот тим, Бојан Крстевски, кој е свесен кого ќе има против себе, но најавува голема борбеност, без предавање однапред.

„Имавме пократок временски период за тренирање за разлика од летото и нешто поизменета екипа од претквалификациите. Не сме комплетни, но тоа тоа мора да го оставиме зад нас и да се фокусираме на тоа што го имавме и со кое располагаме. На нас е да излеземе на терен, максимално ангажирани и борбени и да ги исполниме задачите на селекторо, како и да се претставиме во најдобро светло. Секоја чест за Шпанија, но ние нема однапред да ѝ се предадеме“, изјави Крстевски.

Македонија вториот меч од ноемврискиот циклус ќе го одигра на 29 ноември и тоа на гости кај Украина. Во нашата група е уште и Грузија, а пласман во втората рунда ќе обезбедат најдобрите три селекции.