Косовците тврдат дека ФИБА почнала истрага против КФМ за навивањето во Куманово!?

Светската кошаркарска федерација (ФИБА), наводно, почнала истрага против Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) поради наводното националистички скандирање на мал дел од навивачите на саботната средба против Романија (72-80) во Куманово.

Ова денеска го објавија медиуми од Косово (види ТУКА), повикувајќи се на сопствени извори во ФИБА.

„Во оваа фаза собираме релевантни информации и соопштенија, во тесна координација со националната федерација, како и со локалните власти и органи на јавниот ред и мир“, изјавил претставник на ФИБА за косовските медиуми.

Изминативе денови бевме сведоци за (зло)употреба на краткотрајните слогани од мала група навивачи, кои дури и голем дел од присутните во салата не можеа да ги слушнат, за партиски препукувања и собирање поени, особено од партиите и медиумите на албанската популација во државата. КФМ и општина Куманово како организатори веднаш се оградија и ги осудија националистичките слогани, а истото го сторија и луѓето од политичкиот врв во државата.