Кошаркарите во Бар ја почнуваат мисијата за бегство од - европското дно!

Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во Бар, против домашната селекција на Црна Гора (19 часот), ќе го одигра единствениот контролен дуел во пресрет на претквалификацитие за ЕП 2025, меч кој воедно ќе биде деби на новиот селектор, Александар Јончевски.

Некогаш четвртата селекција во Европа повторно се најде во второлигашката кал, па ќе треба против Словачка, Норвешка и Данска да ја мине првата пречка воопшто да дојде до шанса да се вмеша во борбата за настап на континенталниот собир по три години. Шарениот жолто-црвен-состав како голем фаворит влегува во пресметката со Црногорците, но тоа и не е важно со оглед што примарна цел на стручниот штаб е колку-толку да ги воигра кошаркарите пред првите два дуели на крајот од овој месец.

Јончевски ќе мора да настапи без двата најдобри плејмејкери, Ненад Димитријевиќ и Кристијан Николов, кои, наводно, добиле подолг одмор за да се аклиматизираат во своите нови клубови, Уникс Казањ и Коњаспор. Војдан Стојановски традиционално е лидерот на репрезентацијата, а покрај него ќе настапат и Андреј Магдевски, Бобан Стајиќ, Дамјан Робев, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуроски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Виктор Ефремовски, Теодор Симиќ, Лука Савиќевиќ, Марко Миловановиќ, како и новото име во националниот тим, Димитар Пандев. Ниту во овој циклус ќе немаме странско засилување, откако Џејкоб Вајли се пресели во Јапонија и стана недостапен за луѓето од нашата федерација.

Засега нема најави за било каков телевизиски или интернет-пренос од овој дуел.