Кошаркарите ја прегазија Ирска и го комплетираа првиот чекор кон ЕП 2029 (ФОТО)

Репрезентацијата на Македонија успешно ја мина првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029, откако со петтата победа во низа, овој пат на домашен терен против Ирска (77-56), го обезбедија првото место во групата.

Нашата подмладена селекција покажа срце, желба и апсолутно заслужено дојде до убедлив триумф, кој покажа дека имаме далеку поголем квалитет за да бидеме во вака лошо друштво. Неизвесноста траеше само во првата четвртина, која жолто-црвените силно ја завршија и првпат дојдоа до повисока предност. Набрзо подоцна имавме и двоцифрено водство, со што го најавивме крајниот победник.

Андреј Јакимовски уште еднаш покажа дека е лидер на националниот тим, завршувајќи ја средбата со 19 поени и 13 скока, Виктор Ефремовски додаде12 поени, додека Војдан Стојановски заврши со 10 поени.

Македонија последниот меч од групата ќе го одигра в недела (5 јули) на гости против Луксембург, кој ќе биде од ревијален карактер за избраниците на селекторот Берокал. Вториот дел од претквалификациите за ЕП 2029 почнуваат веќе в август, а месецов ќе се одржи и ждрепката за четирите групи во кои ќе има по три селекции.