Кошаркарите ја демолираа Норвешка и со стил се пласираа во квалификациите за ЕП (ФОТО)
За жолто-црвените ова беше петта победа во шестиот меч од претквалификацискиот циклус, што значеше второ по ред учество во последната фаза пред континенталниот собир, по неуспешната епизода пред две години кога бевме во група со Естонија, Италија и со Русија. Победата на гостувањето во норвешката престолнина се насети уште во првата четвртина, кога брз и релативно лесно дојдовме до двоцифрена предност (24-12), која до крајот само умешно ја зголемувавме.
Норвежаните ни беа недораснат ривал во сите кошаркарски елементи, а избраниците на селекторот Александар Јончевски уште еднаш потврдија дека и без најдобрите во моментов, Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, сепак, не заслужуваат да бидат дел од европскиот кошаркарски талог. Американецот Ти-Џеј Шортс одново беше вистинскиот лидер на македонската чета со учинок од 22 поени, шест скока и пет асистенции, додека веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 16 поени и пет скока.
Во квалификациите за ЕП 2025 ќе учествуваат 32 селекции поделени во осум групи со по четири национални селекции, а пласман на континенталниот собир ќе обезбедат по трите најдобри репрезентации. Домаќините Кипар, Финска, Летонија и Полска имаат сигурна проодност од групите во кои ќе се најдат без разлика на пласманот, заедно со двете најдобри од останатите три селекции на нивната табела. Натпреварите ќе се играат во четири циклуси и тоа ноември 2023, февруари и ноември 2024 и февруари 2025 година.