Кошаркарите без Димитријевиќ, но со голема желба за триумф на гости кај засилената Русија!

Македонската кошаркарска репрезентација попладнево, на гости против Русија (16 часот), ќе го одигра вториот меч од квалификациите за ЕП 2021 во кој против фаворизираниот домаќин ќе проба да се „извади“ за стартниот кикс на домашен терен против Естонија, кој драстично ги оддалечи од целта, а тоа е враќање на елитната европска сцена.

Жолто-црвените во далечниот Перм (четири часовни зони по источно од Скопје) отпатуваа без повредениот Ненад Димитријевиќ, кошаркарот кој од раководството на КФМ и од стручниот штаб беше промовиран како лидер на новата, подмладена национална селекција. Тоа, пак, ќе остави поголем простор за најмладиот дебитант во историјата на репрезентацијата, Кристијан Николов, кој воопшто не влезе во игра во дуелот со Естонците, тој токму својот историски прв меч го одигра против Русите во веќе далечната 2012 година кога имаше нецели 16 години.

Избраниците на селекторот Александар Тодоров во натпреварот ќе влезат апсолутно растоварени, со оглед што сите очекуваат победа на далеку поквалитетната и пореноминарана Русија, која згора на тоа ќе добие дополнителна помош од двајца евролигашки играчи кои не беа дел од составот кој пред три дена загуби од Италија. Станува збор за Владислав Трушкин од Зенит и американецот со руски пасош, Џоел Боломбој, кој игра за ЦСКА Москва.

„Ова ќе биде меч на две селекции кои претпреа порази на првите натпревари. Ние се надевавме на победа против Естонија, а сигурен сум дека и Русија се надеваше на триумф во дуелот со Италија, па затоа двете селекции прилично разочарани ќе влезат ово овој дуел. Можеби за нас овој е натпревар во кој можеме да влеземе многу поопуштени, зашто играме на гостински терен, против фаворизирана селекција, па апсолутно нема што да загубиме. Играме против противник кој е многу поатлетски подготвен од нас. Нашата шанса би ја барал во неутрализација на нивните силни сегменти, но секако не со 26-отстотна реализација за три поени. Мислам дека имаме екипа која е способна да ’извлече’ еден натпревар со 40-45-отстотен шут за тројка, што за жал не се случи во дуелот со Естонија“, вели селекторот Тодоров.

Вториот меч во групата исто така е исклучително важен за Македонија, а во него Естонците во Талин ќе ја пречекаат Италија (18 часот). Евентуална победа на домашната селекција ќе значи и дополнително намалување на ионака микроскопските шанси за нашата репрезентација за пласман на следниот континентален собир.

Пресметката во Перм ќе се одигра пред полни трибини во сала со капацитет од 7.000 гледачи. Пренос ќе има само на регионалниот канал Спортклуб со коментар на хрватски јазик.