КФМ му одговори на МЗТ: Не сме виновни што задоцнивте со барањето за отштета!

Не минаа ниту десетина часа од соопштението на МЗТ Скопје, во која ги нападнаа предводниците на макбаскетот за одбивање да ги покријат трошоците за плати и рехабилитација на повредените кошаркари за време за настапот за Македонија, а веќе дојде одговор од Кошаркарската федерација на Македонија.

Од Куќата на кошарката тврдат дека сѐ што направиле било во рамки на актите и дека вината била кај спротивната страна, која и покрај тоа решила да „шири лаги и невистини“. Соопштението на КФМ би го пренесуваме во целост.

„По кој знае кој пат МЗТ Скопје, крајно некоректно и тенденциозно пишува невистини преку кои сакаат да покажат поинаква и лажна ситуација во која што, само по нивна, а не нечија друга 'заслуга', се пронашле да испратат едно такво писмо во јавноста. Крајно непримерно е да се даваат 'лекарски потврди' за здравствената состојба на дел од играчите кои учествуваа во последната репрезентативна акција. Тенденциозно е затоа што сето ова се случува по повеќе од еден месец откако стана јасно дека нашата сениорска репрезентација обезбеди пласман во квалификациите за СП 2023. Како одговорна и отчетна федерација, во предвидениот рок, дадовме одговор на вашето, кое на крајот се покажа и задоцнето барање.

ФИБА правилата за осигурување на играчи се многу јасни. Рокот за пријавување на повреда со комплетна документација е најдоцна 15 дена од настанување на повредата и начинот на лекување на истата. По пријавувањето на повредата, ФИБА го следи процесот на закрепнување се до крајниот извештај на докторот и првиот натпревар после повредата. Со оглед на тоа дека времето за пријавување на повреда на кошаркарите Кристијан Николов и Дамјан Робев во ФИБА осигурување е поминато, КФМ не може да ги покрие платите на кошаркарите кои од нас ги (по)бара МЗТ Скопје. Но, бидејќи се работи за репрезентативци на нашата земја, федерацијата ќе ги преземе сите трошоци потребни за лекување и за рехабилитација на кошаркарите.

Подготвенисме во секој момент, да ги ставиме на увид на јавноста сите документи поврзани со задолжителното осигурување, кое го бара ФИБА за сите кошаркар(к)и кои се ставиле на располагање за настап во националните селекции, вклучително и коресподенцијата, односно нашиот одговор, кој го оценивте како нељубезен. КФМ секогаш била и ќе остане зад сите играчи кои го носат репрезентативниот дрес и во ниту еден понатамошен случај, нема да прифати вакви паушални информации кои немаат врска со вистината, каде сега дополнети со проширен список на кој се најдоа уште некои други репрезентативни имиња, злоупотребени за „нечиј интерес“ за кој не е потребно да водиме дискусија. Навистина жалиме, што вие како сериозен клуб, не сте доволно информирани за комплетната здравствена состојба на играчите, а уште помалку за регулативите на ФИБА кои се однесуваат за вакви ситуации поврзани со осигурувањето на репрезентативците, особено ако се земе в предвид дека докторот на вашиот клуб во изминатиот период се грижеше за здравјето на комплетниот играчки дел од сениорската репрезентација.

Лажните и манипулативни соопштенија нема да донесат никому добро, најмалку на кошаркарската јавност, а само ќе ги вовлече во сопствените лаги оние кои се креатори на тенденциозните написи. Репрезентацијата е светост и играњето за репрезентацијата е најголемото спортско достигнување и гордост. Фактот што во вашиот клуб играат повеќе сениорски репрезентативци, треба да знаете дека претставува бенефит за вашиот буџет во кој се слеваат значителни финансиски средства кои се доделуваат од страна на државата токму на таа основа – настап во најдобрата кошаркарска селекција“, велат од КФМ.