КФМ ги одреди селекторите во младинските категории

Кошаркарската федерација на Македонија денеска ги дефинираше стручните штабови на нашите младински селекции.

Младинските репрезентации ги очекуваат настапи во на Европски првенства во машка и женска конкуренција. Покрај сениорската селекција, летово обврски ќе имаат репрезентациите до 20, 18 и 16 години во машка конкуренција, како и женската младинска репрезентација до 18 години.

Исто така двете селекции до 14 години ќе продолжат со активностите во развојниот проект на ФИБА.

- Никола Велев е назначен за селектор на машката репрезентација „Под 20“ години. Актуелниот асистент-тренер во нашиот сениорски националне тим, и на романскиот ЦСУ Тарговиште, ќе го предводи нашиот младински национален тим на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое ќе се одржи во Братислава, во периодот од 10. до 19. јули.

- За селектор на машката јуниорска репрезентација „Под 18“ години е именуван Миодраг Тодоровиќ, прв тренер на македонскиот вицешампион- - Маџари. Нашите јуниори ќе настапат на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое од 24. јули до 2. август ќе се игра во Хрватска, поточно во Ријека и Опатија.

- Дејан Стојановски е избран за селектор на машката репрезентација „Под 16“ години. Стојановски е тренер во младинските категории на германскиот прволигаш Олденбург, а ова лето ќе ја предводи селекцијата која ќе биде домаќин на Европското првенство од Дивизијата „Б“, што ќе се одржи во Скопје и Гевгелија, од 6. до 15. август.

- Женската јуниорска репрезентација „Под 18“ години ќе настапи на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое од 31. јули до 9. август ќе се одржи во романскиот град Тулчеа. Довербата да го предводи овој национален состав ја доби Виктор Петровски, тренерот на актуелниот шампион во женска сениорска конкуренција, Крива Паланка.

- Мартин Атанасовски, кој е асистент-тренер во екипата на МКК Куманово, ќе биде носител на тренерските активности со машката селекција „Под 14“ години, додека Никола Петровски, тренер во КК Петровски од Битола, ќе ја предводи женската репрезентација „Под 14“ години, кои продолжуваат со своите активности во рамки на развојниот проект на ФИБА.