Кадетската репрезентација во Скопје го почнува походот кон А-дивизијата

Од денеска до 17 август во Скопје ќе се одржи Европското првенство Б-дивизија во кадетска конкуренција.

Шампионатот доаѓа четири дена откако во македонската престолнина заврши првенството за јуниори, а на кое нашата репрезентација го освои златниот медал. Целта и сега е слична, но пред се важно е, по пауза од една година, кадетската селекција да се врати во европската елита.

„Првата цел е да се помине групната фаза, но ќе одиме чекор по чекор. Сметам дека групата е доста квалитетна. Се работи за репрезентации кои се во самиот врв на европските првенства од Б-дивизија“, вели селекторот Александар Јованчев.

Прв противник на Македонија е Украина, вечерва од 18:30 часот, термин во кој нашата репрезентација ќе ги игра своите натпревари, сите во СРЦ „Кале“. Пласман во нокаут фазата обезбедуваат најдобрите две од секоја група, а во А-дивизијата ќе одат освојувачите на медали што значи дека на Македонија ѝ е потребно најмалку трето место во конечниот пласман.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА
08.08.2024 Македонија - Украина 18:30
10.08.2024 Македонија - Шведска 18:30
12.08.2024 Македонија - Естонија 18:30
13.08.2024 Македонија - Австрија 18:30