Кадетите против најсилните во Европа сакаат да го обелат образот на макбаскетот!

Македонските кошаркари на возраст до 16 години утре го почнуваат настапот на Европското првенство (ЕП) во Скопје, на кое ќе настапат најдобрите 16 европски селекции против кои ќе сторат сѐ за да го обелат образот на македонската кошарка по лошите резултати на повозрасните младинци и јуниори.

Жолто-црвените се во група со Шпанија, Грција и Црна Гора, која претставува загревање и битка за полесен противник за осминафиналето во кое ќе се најдат сите учесници. Целта на нашите таленти е опстанок во елитата.

„По успешно реализираните подготовки во траење од 45 дена, комплетни и спремни за надигрување влегуваме во дуелите со најсилната кадетска конкуренција. Чест ни е да биделе дел од ова натпреварување и во оваа прилика можам да ветам дека ќе го дадеме нашиот максимум за националниот дрес. Тоа што сме домаќини на ова првенство ќе ни биде мотив плус за добра игра, а во исто време посакувам и да не изостане и поддршката од трибините. Очекувам публиката да ни даде дополнителна енергија во реализација на нашите планови, тоа многу ќе ни значи“, вели селекторот Андреј Апостолски-Лечиќ.

Утрешен прв предизвик за кадетите на Македонија, која сите натпревари од првата фаза ќе ги игра од 18.45 часот во салата СРЦ „Кале“ е селекцијата на Црна Гора. В сабота нашите репрезентативци ќе ги одмерат силите со Грција, а в недела против Шпанија.