Јончевски: Ризикувавме со Балчеровски, но излезе добро за нас

Селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски беше полн со пофалби за неговите кошаркари од дуелот со Полска што и не е изненадување ако се земе предвид убедливата победа на гостувањето во Полска.

Македонија има еден триумф по првите две кола и може да жали за пропуштеното на домашен терен против Естонија, но веројатно уште ништо не е изгубено.

„Ги почитуваме сите репрезентации во групата по поразот од Естонија на домашен терен. Тоа важи и за Полска која има одлични играчи и фантастичен селектор и мошне сериозно го сфативме денешниот натпревар. Ризикувавме со отворени позиции за Балчеровски, но тоа беше наша стратегија и излезе добро.

Им честитам на сите играчи, без разлика дали играа една или 39 минути и сите се заслужни за победата. Морам да кажам дека добро го анализиравме натпреварот со Литванија, ги видовме добрите и лошите страни и го искористивме тоа.

Што се однесува до Нено, го почувствува моментот и бараше да игра до последната секунда. Го понесе адреналинот и не сакаше да прифати ништо друго, освен победа“, рече Јончевски.