Емил Рајковиќ стана мајстор и за евролигаши – пред него падна и моќниот Зенит!

Македонскиот кошаркарски стратег, Емил Рајковиќ, продолжува да реди одлични резултати со својата Астана во ВТБ-лигата, која е трета по рејтинг во Европа, откако денеска, по голема борба и едно продолжение, го совлада евролигашот Зенит (109-108).

Составот од Санкт Петербург сезонава има трет најголем буџет во лигата, зад ЦСКА и Химки, односно ќе потроши 26,6 милиони евра, но тоа не го спречи со наведнати глави да си замине од престолнина на Казахстан. Евролигашот прво едвај избори продолжение со кош на четири секунди до крајот, но во дополнителни пет минути му немаше спас против расположениот тим предводен од поранешниот тренер на Фени индустри, Работнички и на МЗТ Скопје.

Рајковиќ втора сезона е на клупата на казахстанскиот шампион, со кој минатата сезона оствари историски успех со најмногу победи и пласман во плејофот во ВТБ-лигата. Астана сега има скор 2-2, со победа и над уште еден голем ривал и некогашен дел од Евролигата, Локомотив Кубан.