Партизан во одлична форма: Четврта победа по ред за „црно-белите“

Екипата на Партизан ја оправда фаворитската улога и пред своите навивачи ја совлада Басконија со 80-66 во натпревар од 11. коло во Евролигата. Црно-белите до триумфот стигнаа со подобра игра во второто полувреме, а најзаслужен за победата беше Тонје Џекири.

Гостите од Виторија се покажаа како незгоден противник во првите 20 минути. Партизан ја доби почетната четвртина со 23-18, но Басконија се врати во игра и во еден момент дури и поведе. Сепак, белграѓани со серија од 7-0 во завршницата на вториот период го презедоа водството и на пауза заминаа со предност од 42-38.

Клучниот исчекор домашниот состав го направи по одморот. Предноста постепено растеше, а по три четвртини Партизан водеше со 65-60. Во последниот период избраниците на Жоан Пењароја ја затегнаа одбраната, му дозволија на противникот само шест поени и ја потврдија победата.

Џекири одигра одличен натпревар со 17 поени, шест скока и две асистенции, без ниту една загубена топка. Карлик Џонс додаде 16 поени, четири скока и шест асистенции, додека Никола Танасковиќ придонесе со 14 поени. Кај Басконија најефикасен беше Крис Дуарте со 15 поени. Натпреварот донесе и загриженост за домашниот тим, бидејќи Итан Томпсон по незгоден пад во првото полувреме не се врати на клупата. Засега нема дополнителни информации за тежината на повредата.

За Партизан ова е четврта победа по ред, сметајќи ги сите натпреварувања откако претходно ги совлада и Клуж и Студентски центар во АБА и Макаби во Евролига.