„Десетина минути беа пресудни за Бориша, можевме трагично да го загубиме“

Тренерската легенда Божидар Маљковиќ, освојувач на три титули европски првак со Југопластика, Лимож и Панатинаикос, сега прв човек на Олимпискиот комитет на Србија, откри дека десетина минути биле пресудни за српскиот кошаркар Бориша Симаниќ да остане жив, само благодарение на брзата реакција на лекарите.

Симаниќ остана без бубрег откако доби силен удар во пресметката на Србија со Јужен Судан од бившиот кошаркар на МЗТ Скопје, Нуни Омот, по што му беа направени две операции, а на втората му беше изваден бубрегот. Маљковиќ сега открива дека прашање на живот и смрт после стравичната несреќа и дека брзата реакција на лекарот Гага Радовановиќ го спасила животот на кошаркарот.

„Мора да седнеме со државниот врв, со министерот за спорт и јас со нив, да го решиме ова прашање. Бориша имаше стравична несреќа. Само благодарение на врвниот лекар како што е Гага Радовановиќ, кој е и претседател на здравствената комисија на ОКС, Бориша е сега добро. Јас разговарав со него, десетина минути фалеле за трагично да го загубиме. Во тие десетина минути можело да дојде до излив на крвта во абдоменот, која потоа доведува до сепса и потоа нема спас. Но, Гага кој е и претседател на Црвен крст, брзо ја повикал колешката од Филипини, а таа веднаш реагирала. Ги викнала сите лекари, кои веќе си заминале дома. Така е спасен еден млад живот“, откри Маљковиќ.

Србија вчера освои сребро на Мундобаскетот после поразот од Германија во големото финале.