Десет години од најлудата тројка, најголемата победа и најлегендарната изјава во историјата (ВИДЕО)

„Леле луѓе, што направивме. Радувај се, Македонија!“, ечеше од грлото на Владо Илиевски во директниот пренос од мечот одигран на денешен ден пред десет години, во кој Македонија ја шокира Литванија (67-65) во четвртфиналето од ЕП 2011 кое се одржуваше во оваа балтичка држава.

Токму тој беше херојот, кој со луда тројка на десетина секунди до крајот донесе штама во салата во Каунас, а предизвика еуфорија во секој македонски дом во таа топла септемвриска вечер. Леворакиот бек, студен како шприцер, ја уфрли топката во противничкиот кош како тоа да беше обичен тренинг, а не шут за најголемата победа во македонската спортска историја. Малата Македонија, неочекувано, дојде до европско полуфинале, нешто што никој дури и во националниот тим не се осмелуваше да помисли дека би можело да се случи.

Димитар Мираковски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Лестер Бо Мекејлеб, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Ивица Димчевски, Ѓорѓи Чековски и Предраг Самарџиски беа хероите во жолто-црвена опрема предводнени од селекторот Марин Докузовски, кои точно пред десет години станаа препознатливи имиња дури и за најголемите спортски аналфабети. Тие ја внесоа нашата држава меѓу четирите најдобри во Европа, со што донесоа радост каква што не се памети.

Кошарката во Македонија се дели на пред и по 14 септември 2011 година, а сите што го сакаат овој спорт цел живот ќе паметат каде биле кога Илиевски ја постигна најлудата тројка, за најголемата победа, по што ја даде и најлегендарната изјава. Катарзични моменти какви што никогаш потоа немало, а тешко и дека во догледно време и ќе се повторат.

Националниот тим потоа загуби во полуфиналето од Шпанија и во „малото финале“ од Русија, што никако не го наруши големото славје, кое се случи по враќањето во Скопје, каде што илјадници луѓе излегоа на улица да ги поздрават своите херои.