Давитков: Со две раце потпишувам дека Македонија ќе игра на ЕП 2021!

Македонија има голема шанса да се врати во кошаркарската елита односно да го забележи шестиот настап на едно Европско првенство, барем ако се суди по огромниот оптимизам на селекторот на нашата национална селекција, Јорданчо Давитков, по веста дека ќе играме во група со Италија, Русија и со Естонија.

По доаѓањето на Перо Антиќ на чело на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) имаше многу шпекулации околу евентуална смена на поранешниот репрезентативец и македонски шампион со Никол Ферт и Работнички, но оттогаш минаа повеќе од два месеци и такво нешто не се случи. Тоа значи дека мислењето на Давитков за претстојните средби со италијанската, руската и естонската селекција и тоа како е валидно, а тој смета дека чим сме дојдени до ова ниво, минувањето на последната пречка не би требало да биде проблематично за него и неговите избраници.

„Со две раце потпишувам дека Македонија ќе игра за следното ЕП. Немам дилеми во тоа, а вака бев сигурен дури и пред денешната ждрепка за квалификациските групи. Кога успеавме да се кренеме од самото дно и тоа исклучиво со труд и пот и напорна работа на сите во репрезентацијата, тогаш мислам дека можеме да ја минеме последната пречка. Треба да бидеме подобри од само една друга селекција во групата, а знаеме дека со години домашниот терен е наше големо оружје пред која паднале и многу други фаворизирани тимови. Верувам во момците со кои успешно ги минавме двете претквалификациски фази и уверен сум дека тие ќе имаа сили да ја минат и последната пречка“, ни изјави Давитков веднаш по денешното извлекување на квалификациските групи.

Македонија првпат на еден континентален собир играше во 1999 година во Франција, а потоа требаше да мине една деценија пред да се вратиме на големата сцена во 2009 година во Полска. Две години подоцна бевме сведоци на историското четврто место на ЕП во Литванија, а во 2013 и 2015 во Јесенице односно Загреб испаднавме по првата фаза по што следуваше ептен сушен период за жолто-црвените.

Предводени од „писателот“ Драган Раца не ги минавме квалификациите за ЕП 2017, по што дојде реорганизација во светската кошарка и префрлување на пресметката на најдобрите европски селекции од две на секои четири години. Затоа во меѓувреме имавме неуспешен настап во претквалификациите за СП 2019, како и успешен настап зачинет со први места во двата круга од претквалификациите за ЕП 2021.