„Антиќ направи многу грешки во чекори, а со секоја одлука се закопуваше подлабоко“

Поранешниот капитен на репрезентацијата на Македонија, па селектор во два наврати, Јорданчо Давитков, пред неколку дена официјално го раскина договорот со кувајтскиот тим Кадсија, а пред враќањето во Скопје за првпат проговори и за неодамнешната смена од кормилото на национален тим.

Тој ја предводеше жолто-црвената чета низ неколкуте претквалификациски циклуси, низ кои обезбеди место во квалификациите за ЕП 2021, но по доаѓањето на Перо Антиќ за претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) неговиот договор не беше продолжен. Давитков има свое мислење како за постапките на предводниците на макбаскетот, но и за двата порази, од Естонија и Русија, на стартот од квалификацискиот циклус, кои и тоа како нѐ оддалечија од место на следниот континентален собир.

„Од самиот почеток, новото раководство на КФМ направи грешки во чекори, а потоа со доделување на функциите на останатите луѓе, тие грешки стануваа сѐ подлабоки. Ние од самото дно стигнавме на чекор до ЕП, играчите веќе се прилагодија на мојот систем на работа, имавме одлична атмосфера, а со тоа и шанса да се ѝ се реваншираме на Естонија (за поразите во претквалификациите за СП 2019-н.з.) и да се пласираме на ЕП, кое сега и не знаеме кога точно ќе се одржи. Факт е дека многу наивно загубивме од Естонците, а сега најавите дека како гости ќе ги победиме со повеќе десет разлика на гости ми немаат никаква смисла. Искрено, слушам многу за некакво подмладување, но не знам за кое зборуваат тие. Освен Јакимовски, тие што играа кај мене играат и сега. Според мене, приказните во стилот 'чекајте нѐ неколку години, па ќе победиме' во спортот не држат. Резултати или има веднаш или воопшто ги нема“, изјави Давитков за Алфа телевизија.

Искусниот стратег веќе 12 години работи на Блискиот Исток, во Кувајт и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), но поради проблемите со коронавирусот сега мораше да се врати порано, без договор за следната сезона.

„Долго време работам во тој дел од светот и мислам дека би немал проблеми да најдам клуб за следната сезона. Но, сега сакам да се одморам и да ги разгледам сите опции. Нека биде сѐ како што треба со светот и со пандемијата, а за другото ќе почекам и ќе видам што ќе излезе“, завршува поранешниот селектор.

Давитков е еден од само неколкумината македонски тренери кои можат да се пофалат со шампионски титули како играч и како тренер. Тој беше прв, а по него истото го сторија Емил Рајковиќ, Александар Јончевски и Ѓорѓи Кочов.