Александар Тодоров ќе ја предводи Македонија во квалификациите за ЕП 2021?!

Поранешниот предводник на младинската национална селекција и сегашен тренер на романска ЦСУ Крајова, Александар Тодоров, е прв фаворит за пополнување на испразнетото селекторско место во кошаркарската репрезентација на Македонија, но договор сѐ уште не е потпишан ниту целосно дефиниран.

Тој има понуда за преземање на кормилото на жолто-црвените од предводниците на македонската кошарка, но сѐ уште размислува дали да ја прифати. Тодоров следниот вторник доаѓа во Скопје, па дури тогаш работите ќе бидат појасни околу ова прашање. На маса е договор до крајот на квалификациите за ЕП 2021, со можност за продолжување на уште четири години. За него работењето со најдобриот македонски состав не е непознато, бидејќи почнувајќи уште од 1999 година во повеќе наврати беше дел од стручниот штаб како асистент на неколку селектори. Првичната идеја била да работи заедно со Марин Докузовски како советник, но по долго размислување доскорешниот тренер на Работнички не прифатил да се врати во КФСМ.

Тодоров кариерата ја почна во Алумина, а потоа работеше во МЗТ Скопје, каде што се враќаше неколку пати, а последниот беше во текот на предминатата сезона, како и во екипите на Куманово, Вардар, Тоа сум јас, Чукурова, Рилски спортист, Балкан Ботевград, Динамо Букурешт, Пеќ и Левски Софија. Тој во 2012 година прв ја донесе шампионската титула во „Јане Сандански“, а во 2009 година беше прв македонски тренер кој стигнал до меѓународен успех – победничкиот трофеј во Балканската лига (БИБЛ).

Македонија има тешка група за пласман на ЕП 2021 и тоа заедно со веќе пласираната Италија како домаќин, Русија и Естонија. Од трите преостанати селекции пласман на континенталниот собир ќе остварат две. Огненото крштевање за Тодоров, ако соработката воопшто биде официјализирана, ќе се случи во февруари и тоа против Естонците на 20 февруари дома и три дена подоцна на гости против Русија.