Вујошевиќ удри по сите: Нормално дека Јокиќ е виновен за крахот на Србија!

Еден од најдобрите српски кошаркарски тренери на сите времиња, Душко Вујошевиќ, направи анализа на неуспешниот настап на националниот тим на Србија на предолимписките квалификации, на кои загуби од Италија во финалето, напаѓајќи ги речиси сите, меѓу кои и најдобриот сезонава во НБА, Никола Јокиќ.

Причина за вербалните удари на сметка на центарот на Денвер нагетс е неговото отсуство од репрезентацијата, односно одбивањето да настапи на турнирот во Белград.

„Најголеми виновници за крахот се кошаркарите, тие што играа и тие што не дојдоа. Секако дека Јокиќ е виновен за неуспехот, тој имаше обврска кон земјата во која е роден. Секоја чест на фантастичната кариера во САД, но успехот обврзува. Штета е што не почувствува потреба да заигра во националниот дрес за јавноста која со години го бодри и навива да стане подобар играч“, изјави Вујошевиќ.

Легендата на Партизан смета дека селекторот Игор Кокошков има огромно теоретско знаење, но дека му треба искуство тоа да го преточи во добар резултат и дека треба да остане селектор на Србија. Исто така, тој потенцира дека и нападите кон Јокиќ треба да бидат умерени, со цел предвреме да не се изгуби за некоја од следните репрезентативни акции.