Ужас на стартот од АБА лигата: Кошаркар на Олимпија атерираше на глава (ВИДЕО)

Младиот словенечкиот кошаркар, Жига Данеу ги скамени присутните на натпреварот од АБА лигата меѓу ФМП и Олимпија, одигран синоќа во Железник.

Во финишот од мечот, кога победникот веќе беше решен бидејќи домашниот тим водеше со 75-62, Данеу се обиде да изблокира еден противнички играч, но во мешаницата ја загуби рамнотежата и атерираше на глава. Неколку секунди потоа лежеше неподвижен на паркетот, па мораа да втрчаат лекарските служби за да го повратат во живот.

По укажаната помош, Данеу беше префрлен во една од белградските болници, а Олимпија утринава се огласи со позитивни вести за неговата состојба.

„По вчерашниот пад на мечот со ФМП, Жига Данеу имаше тестови во текот на вечерта кои покажаа дека нема посериозни последици и тој се чувствува добро. Утринава тој веќе се врати во хотелот и им се придружи на соиграчите, а по враќањето во Љубљана, дополнително ќе биде тестиран од клупските доктори“, пишува во соопштението од Олимпија.

Жига Данеу има 22 години и е внук на легендата на југословенската кошарка Иво Данеу.