Старт на нова ера: Саша Обрадовиќ е наследникот на Ѓорѓевиќ на клупата на Србија!

Поранешниот прославен кошаркар и репрезентативец, а сега реномиран тренер со големо интернационално искуство, Саша Обрадовиќ, ќе биде новиот селектор на националната селекција на Србија, пишува денеска специјализираниот спортски дневен весник од северното соседство, „Спортски журнал“, откако менаџерот Мишко Ражњатовиќ го „отпиша“ главниот фаворит Игор Кокошков од трката поради фактот што работи како помошник-тренер во НБА.

Неговото именување се очекува наскоро, но до него нема да дојде без дозвола на францускиот тим Монако на чија клупа во моментов седи Обрадовиќ. Причина за тоа е фактот што „кнезовите“ играат во Еврокупот на УЛЕБ, која не ги признава квалификациските прозорци на ФИБА, но тоа е проблем кој би можел да се реши, сметаат српските медиуми. Обрадовиќ изминативе години направи фантастични резултати со Алба Берлин и со Локомотив Кубан, што секако е главна препорака за седнување на клупата на „орлите“ по заминувањето на Александар Ѓорѓевиќ, кое самиот тој го најави.

Искусниот стратег неодамна изјави дека водењето на националната селекција за него е светост и дека е тоа нешто што едноставно не се одбива.