Србите тврдат: МЗТ Скопје ќе биде жртва на тајните договори во АБА!

Првиот човек на Евролига, Жорди Бартомеу, се надева на продолжение на сезоната во сите кошаркарски лиги, но шансите за такво нешто се многу тешки, a тоа значи и можно црно сценарио за македонскиот шампион - МЗТ Скопје.

Многу клубови во своите редови имаат американски кошаркари, кои веќе си заминаа во САД и прашање е дали по пандемијата на коронавирус истите ќе се вратат во клубовите. Ако дојде до тоа, тие ќе мора да заминат повторно во карантин.

Целата оваа ситуација околу продолжувањето на сезоната (она што нас не интересира е АБА лигата поради настапот на МЗТ Скопје), е крајно неизвесен. И тука доаѓаме до проблем за кој веќе на големо се зборува, иако никој нема јавно да го каже: Дали ќе се земе тековниот пласман како конечен или сезоната ќе биде поништена?

Како што пишуваат српските медиуми, учесниците на АБА-лигата веќе се поделија во два клана. Едниот го предводи Партизан, кој како првопласиран посакува веднаш да му биде дадена шампионската тиртула, додека на другата страна е Црвена звезда, која пак, не признава шампион без доигрување на сезоната.

Одлуката на челниците на АБА лигата по многу нешта ќе зависи од одлуката на Жорди Бартомеу за тоа како да се заврши сезоната. Доколку донесе одлука лигата да заврши според моментната ситуација, најверојатно истото сценарио ќе го имаме и во АБА лигата, а тоа би бил голем пех за македонакиот шампион МЗТ Скопје.

Во тој случај, МЗТ, кој заврши на третата позиција во АБА2 лигата, нема да има можност за да брка пласман преку плејофот во елитата, иако има ист скор како и второпласираниот Сплит, што би значело дека тимот од Аеродром наредната сезона повторно ќе го гледаме во понискиот ранг на натпреварување.

Во оваа ситуација, само хрватските клубови ќе бидат победници. Имено, хрватските клубови ја изгубија својата важност во последните сезони, но сега можат да го вратат ова со своето влијание бидејќи прават паметни потези. Ако се играше лигата, Задар би се борел да преживее во АБА-лигата. Така, Хрватите ќе се обидат да ја искористат ситуацијата не само да го сочуваат Задар, туку и да додадат трет претставник во АБА-лигата, односно споменатиот Сплит, кој моментно е второпласиран тим на АБА 2 лига. Се шпекулира дека толку многу инсистираат Цибона да го напушти натпреварувањето доколку остане единствената хрватска екипа во јадранската лига. Тоа дефинитивно би значело и крај на АБА-лигата.

Хрватите затоа инсистираат на проширување на лигата на два клуба. Така би го спасиле Задар, а исто така би го пласирале и Сплит. Се разбира, влез ќе има и првопласираинот во втората лига, екипата на Чачак, а МЗТ Скопје би бил само жртва на лобисти.