Србија не е до Токио: Италија со снајперска стрелба до олимписка виза!

Италија ја шокираше Србија сред Белград и обезбеди пласман на Олимписките игри (ОИ) во Токио, иако нашиот северен сосед беше фаворит во денешниот меч, но Италијанците со снајперска стрелба славеше со 102-95

Италијанските кошаркари имаа предност од самиот почеток на мечот, а таа изнесуваше шест разлика (28-22) на крајот на првата четвртина, по што Србија конечно се врати во игра и поведе со 36-32 во продолжение. Меѓутоа, Италија пак ја презема иницијативата на теренот и ја искористи лошата игра во одбраната на Србите за предност од +12 (57-45) на полувреме.

Водството на Италијанците се зголеми и на +24 во третата четвртина (77-53), која мина во нивна доминација, но Србите почнаа да се будат во завршницата од мечот, кога намалија на осум поени негатива (90-98), но тоа беше залудно бидејќи немаа доволно време за епски пресврт.

Данило Анџушиќ беше најефикасен кај Србите со 27 поени, додека Нико Манион постигна 24 поени за Италија.

Претходно Германија го совлада Бразил со 75-64, додека Словенија беше подобра од Литванија со 96-85.