Кошаркарите на МЗТ Скопје остануваат непоразени на домашен терен во АБА2-лигата, откако вечерва, во меч од 8. коло од јадранското натпреварување, го совладаа тимот на Широки (83-71).

Тоа беше петти по ред триумф на македонскиот шампион во салата „Јане Сандански“, со што се издвои на второто место на табелата со скор 6-2, односно со една победа помалку од лидерот Борац Чачак. Клучен статистички елемент за триумфот беа големиот број погодено тројки, вкупно 14 и фактот што домаќинот доминираше во скок-игррата (37-26), нешто што досега беше голем проблем во нивната игра.

Гостинските кошаркари подобро го отворија натпреварот и со шест брзо поени дојдоа до предност од 11-5, која како да ги налути избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов, кои одговорија со фантастична серија 16-2 со која не само што го презедоа водството, туку му дадоа на знаење на противникот дека нема што да бара во Аеродром. Дамјан Стојановски беше буквално на секој дел од паркетот, во напад и во одбрана, додека новакот Бојан Радуловиќ на „металците“ им ја донесе потребната стабилност во играта под кошевите.

МЗТ Скопје клучниот налет го имаше во финишот од првото полувреме, кога со нова одлична серија од 10-2 се изборија на одмор да заминат со двоцифрена позитива (41-31). Тоа како да придонесе за полесна игра на сино-белите, кои не само што ја задржаа оваа позитива во третиот период, туку и ја зголемија на највисоки плус 18 (63-45).

Босанските кошаркари не истакна бело знаме и покрај голената негатива, туку со осум брзи поени го „вратија“ македонскиот шампион на предноста со која замина во соблекувалната. Но, за среќа на составот од „Јане Сандански“, тоа беше најмногу што направија. Аеродромци не се исплашија од нивниот налет, туку повторно се „одлепија“ на безбедни плус 16 (76-60), кои се покажаа доволни за конечен триумф.

Џабари Хиндс беше најефикасен во сино-белиот табор со 17 поени и шест асистенции, додека зад него беа Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски со по 13 поени.

За точно една недела, МЗТ Скопје ќе го одигра следниот дуел в АБА2-лигата и тоа на гостински терен против српскиот претставник Динамик, Претходно, в недела, „металците“ ги чека сериозен предизвик на домашна сцена и тоа против најголемиот ривал, Работнички.