Шампионот има само еден пат кон опстанок во АБА, а на него има три двојни - бомби!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, по вечерашниот пораз на гостувањето кај Борац Чачак (84-105) со една нога е веќе во АБА2-лигата, а за да го избегне тоа постои само еден пат, а тој е речиси невозможен за минување.

Аеродромци на три кола до крајот на регуларниот се последни со скор 4-19, донсоно две победи помалку од најблискиот на табелата, вечерашниот српски ривал, кој има учинок 6-17. Чачани згора на тоа се подобри во меѓусебниот скор, што им носи подобар пласман во случај на ист број бодови. Сето ова значи дека ако сино-белите сакаат да играат во регионалната елита и следната сезона, секако преку бараж како претпоследно пласирани, ќе им требаат три победи до крајот, но истовремено и три порази на Борац.

За да го минат овојпат со три двојни бомби, кошаркарите на МЗТ Скопје ќе треба да ги совладаат Задар и Цибона на домашен терен, како и Сплит на гости, но истовремено да чекаат и помош од ривалите на тимот од Чачак. Борац прво му гостува на Сплит, па ја пречекува Црвена Звезда, за на крајот да му гостува на Будуќност. Математиката е јасна, просторот за грешка го нема, па на избраниците на тренерот Драган Николиќ и во три недели да победат речиси исто толку пати колку во – цела сезона досега.