Радуловиќ: Значаен меч, фантастичен пристап - голема победа!

Два од три е ефектот на Дарко Радуловиќ на турнирот на Златибор од АБА2-лигата како прв тренер на МЗТ Скопје, што дефинитивно носи задоволство на неговото лице.

Тој беше пресреќен по денешниот триумф над Златибор, со кој аеродромци го избегнаа осмото место пред плејофот, кое ќе им донесеше пресметка со најдобриот досега, Студентски центар уште во првата фаза од доигрувањето.

„Меч од големо значење во борбата за што подобар пласман и пред сѐ да избегнеме четвртфинален дуел сонајдобриот тим во досегашниот дел од сезоната, Студентски центар. Затоа и пристапот на играчите беше сериозен, со исклучок на првата четвртина во која, можеби под притисок, не функционираа некои работи. Во натамошниот дел од мечот влеговме во ритам и добро ја контролиравме играта, имавме малку изгубени топки, а и солиден шутерски ден“, изјави Радуловиќ.

Доигрувањето сезонава во АБА2 ќе се игра турнирски и тоа на два меча на кош-разлика на неутрален терен.