Постигнат е договор: Адем Мекиќ пак ќе игра за Задар!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Адем Мекиќ повторно ќе игра во странство откако денеска ја прифати понудата на хрватскиот шампион Задар.

Мекиќ стави потпис на договор до крајот на сезоната со можност неговиот престој да биде продолжен и за наредната година.

За Македонецот ова ќе биде втор престој во Задар. Тој беше негов член сезона и пол, во 2023 и 2024 година и во тој период освои две шампионски титули во хрватското првенство и еден Куп. 

Задар во моментов игра во АБА лигата и иако е во плејаутот, има добри шанси да се пласира во разигрувањето за титулата бидејќи се наоѓа на првото место во конкуренцијата.