Пораз без последици: МЗТ Скопје ја продолжува борбата за титулата во АБА 2

Македонскиот шампион МЗТ Скопје доживеа пораз на гостувањето кај Широки, но обезбеди пласман во полуфиналето од АБА 2 лигата.

По триумфот на домашен терен минатата недела со 16 поени разлика, денеска аеродромци загубија минимално (68-70) и ја продолжуваат борбата за титулата во регионалното друштво, а со тоа и за место во елитната дивизија. Меѓу другото, МЗТ Скопје го преживеа лошиот период во првото полувреме во кој Широки се закани дека може да ја надополни негативата од првиот натпревар.

Највисоката предност на Широки изнесуваше 15 поени разлика (37-22) пред крајот на првото полувреме, на пауза се замина со 39-28, но во вториот дел македонскиот првак покажа што знае и умее. Отвори со серија од 6-0, потоа продолжи да ја топи негативата, а по 30 минути игра и водеше со 54-53. Кога веќе ја помина кризата, МЗТ во последниот период рутински ја сочува предноста и се избори за резултат кој го носи во полуфиналето.

Делалиќ со 18 поени беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, по 13 постигнаа браќата Стојановски, а 10 додаде Баковиќ. Во полуфиналето, нашиот претставник ќе се сретне со Спартак кој вчера го елиминира Хелиос.