„Перице, нема веќе да ме влечеш за брада и да шириш зараза“

Перо Антиќ потпиша едногодишен договор со Црвена звезда, а тоа воедно значи дека соблекувалната на Фенербахче е посиромашна за многу шарм и позитивна енергија. Токму тоа го опиша и Џиџи Датоме, кој во своето проштално писмо до неговиот близок пријател објасни какви биле нивните односи.

Датоме на тренингот пред четвртфиналниот дуел помеѓу Италија и Србија на Европското првенство зборуваше за пријателството со Богдан Богдановиќ, кој исто така настапува во Фенер, а на Инстаграм му посвети порака на својот омилен соиграч, Перо Антиќ, кој го напушти Инстанбул.

„Кога и да напишам ваков пост, Перо секогаш ми велеше дека сум лажго и дека и самиот не верувам во она што го пишувам. Епа, сега ти дојде и на тебе редот. Конечно нема да ми го вознемируваш просторот во соблекувалната, нема да ме влечеш за брада, нема повторно да ми ја кратиш мојата преубава коса, нема да ми досадуваш додека читам, нема веќе да шириш зараза во нашиот заеднички простор, нема да ме молиш да те возам до теретана. Но... секогаш има но. Каков победник и неверојатен соиграч ми беше ти. Тренинзите и патувањата не ќе беа исти без тебе. Имаше неверојатна желба да зборуваш и да ги задеваш луѓето. Еден од моите најомилени соиграчи во текот на кариерата! Лудо ќе ми недостигаш - „брату“, напиша Италијанецот.

Професионалци се, ама и кај нив знаат да надвладеат пријателството и емоциите.