Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа вториот пораз во шестиот меч сезонава во АБА2, откако денеска, неочекувано, загуби во пресметката со Слобода Ужице (70-81).

Слично како и на претходната средба со Хелиос, која аеродромци ја доби минимално, избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов одиграа исклучително лошо во второто полувреме, во кое противникот дојде до клучната разлика и на крајот и до убедлива победа. Сино-белите од „Јане Сандански“ играа солидно во првите две четвртини, кога имаа предност и од осум поени, но потоа нагло паднаа и му дозволија на противникот да направи целосен пресврт.

Српскиот тим направи серија 16-5 во финишот од вториот и почетокот на третиот период за 47-40, а кон финишот од овој дел од играта дојдоа и до огромни плус 13 (60-47) со што го најавија крајот на надежите на МЗТ за петти триумф во низа. Самиот резултат од 25-12 за Слобода Ужице во третата четвртина е доволен показател за крајниот исход на овој натпревар.

Аеродромци го платија данокот на многуте лошо изведени слободни фрлања, со оглед што сино-белите имаат дури 12 промашени шутеви од оваа позиција (10/22), за разлика од противникот кои беа фантастични 87-отсто прецизни за еден поен. Ако на ова се додадат и многуте промашени тројки (7/28), тогаш е јасна причината за неуспехот на македонскиот тим.

Хасани Гравет со 24 поени, шест скока и седум асистенции беше најдобар во тимот на МЗТ, додека Феми Олуџоби дополни со 19 поени.

Последниот меч за „металците“ на турнирот во Бања Лука е в недела против лидерот на табелата, Студентски Центар.