Николиќ ептен еуфорично ја прослави првата победа со МЗТ во АБА (ВИДЕО)

Драган Николиќ во седмиот обид успеа да го оствари својот сон, да победи со МЗТ Скопје во меч од АБА-лигата, откако аеродромци синоќа по голема борба и со фанатична игра го зедоа скалпот на фаворизираната Цедевита Олимпија (79-74).

Српскиот тренер со македонско потекло и пасош можеше и порано да се радува, особено на дебито на гости против Цибона, кога сино-белите несреќно загубија по едно продолжение. Можеби и тоа е една од причините што синоќа ептен еуфорично го прослави триумфот.

Тој прво влезе во прегратка со капитенот Дамјан Стојановски, за потоа со покажување мускули да прослави со навивачите на македонскиот шампион. МЗТ Скопје сега има скор 3-15 во регионалното натпреварување, односно една победа помалку во однос на Борац Чачак, кој утре треба да го одигра својот меч од 18. коло против Цибона на домашен терен.