МЗТ Скопје со учинок каков што никој досега немал во двете Јадрански лиги!

Кошаркарите на МЗТ Скопје нанижаа три победи по ред во новата сезона во АБА2-лигата, остварувајќи нешто што досега никому не му успеало во првото и второто јадранско натпреварување – собирање на три по ред индивидуални признанија за најкорисен играч на колото.

По Нуни Омот и Џабари Хиндс, кои беа најдобри во победите над ОКК Слобода Тузла односно Спарс, МВП-наградата за третата рунда, во која аеродромци беа подобри од Рогашка, ќе заврши во рацете на Дамјан Стојановски. Капитенот на МЗТ одигра фантастично против словенечкиот противник и со 18 поени (пет тројки), девет скока и пет украдени топки беше најзаслужен за продолжување на победничката низа на „металците“.

Официјалното прогласување на најдобриот во колото традиционално ќе се случи утре претпладне, но изборот на македонскиот репрезентативец е повеќе од извесно со оглед што има коефициент на успешност 29, кој е најголем во однос на сите останати кошаркари на екипите од АБА2-лигата.

МЗТ Скопје во следното коло воедно ќе го има и најголемиот предизвик досега, со оглед што в среда на домашен терен ќе го пречека Борац од Чачак, кој исто така досега нема пораз во регионалното натпреварување.