МЗТ Скопје ги дозна ривалите на патот кон враќање во АБА-лига!

Кошаркарите на МЗТ Скопје ќе имаат тежок пат кон финалето во АБА2, откако регуларниот дел од сезоната го завршија на петтата позиција, кое им донесе место во делот од „костурот“ во кој е и најсилниот досега, Студентски центар.

„Металците“ во четвртфиналето ќе ги одмерат силите со Младост од Земун, тим кој неофицијално важи за филијала на Партизан, каде што овој белградски гигант ги праќа своите таленти, но и странски кошаркари на кои смета за во иднина. Двата тима регуларната фаза ја завршија со идентичен учинок од осум победи и пет порази, но српскиот состав е подобро пласиран поради победата во меѓусебниот дуел (82-75). Крајната разлика на оваа средба не е реален показател на односот на силите на теренот, со оглед што аеродромци беа во ситуација да дојдат до победа, која им ја „одзеде“ Американецот Мичел со тројка од голема далечина.

Според најавите, плејофот од АБА2 ќе се игра турнирски, што значи дека ниту еден тим нема да има предност на домашен терен и тоа на два меча по кои ќе се собираат резултатите. Победник ќе биде тимот што вкупно ќе постигне повеќе поени во двата дуели, нешто што досега не е видено во јадранските, па и било кои други натпреварувања.

За кошаркарите на МЗТ Скопје евентуалната елиминација на Младост Земун ќе значи и полуфинале со Студентски центар, тим со само еден пораз во регуларниот дел од сезоната, за кој се претпоставува дека без проблеми ќе го елиминира првиот ривал, Слобода Ужице.

Вториот македонски претставник сезонава во АБА2, тимот на Работнички сезоната ја заврши на 12. позиција со скор 5-8, со што го плати данокот на трите службени порази од турнирот во Бања Лука поради проблемите со коронавирусот. Тоа значи дека центарци ќе играат во Плејаут за избегнување на последното место кое значи забрана за настап во ова натпреварување следната сезона. Прв противник на составот од „Градски парк“ ќе биде словенечки Хелиос.

ПЛЕЈОФ АБА2

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

(1) Студентски Центар – Слобода Ужице

(2) Спарс - Златибор

(3) Борац - Подгорица

(4) Младост Земун – МЗТ СКОПЈЕ

ПОЛУФИНАЛЕ

(5) Победник 1 – Победник 4

(6) Победник 2 – Победник 3

ФИНАЛЕ

Победник 5 – Победник 6