Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа и осмиот по ред пораз во АБА-лигата, откако вечерва, по машка борба до последниот атом енергија, загубија на домашен терен во пресметката со поранешниот освојувач на трофејот во ова натпреварување, тимот на Будуќност (86-90).

Аеродромци на оваа средба настапија сериозно ослабени, без повредениот Кеандре Кук и болниот Страхиња Миќовиќ, што и тоа како се почувствува на теренот. Гостите почнаа ептен силно и тоа со девет поени во низа, а набрзо потоа дојдоа и до огромни плус 14 (18-4), со што го најавија крајниот епилог. Македонскиот претставник потоа почна да шутира подобро, особено за тројка, па во вториот период со серија 9-2 ја намалија негативата на само два поени (26-28), што донесе каква-таква надеж кај навивачите за некакво чудо.

Но, тоа како да ги налути гостите од Подгорица, кои кон крајот на втората и почетокот на третата четвртина вратија со серија 21-6, а набрзо потоа дојдоа до највисоките на мечот плус 19 (59-40). Со тоа, екипата од Еврокупот веќе почна да размислува за штедење на силите и го намали темпото, што, пак, предизвика реакција кај сино-белата чета од „Јане Сандански“. Избраниците на тренерот Драган Николиќ немаа намера да се предадат, па по неколку минути игра во последната четвртина со серија 12-3 спуштија дури и на едноцифрена негатива (60-68).

Будуќност набрзо одново дојде во двоцифрена позитива (73-62), по што следуваше фантастичен период на составот од Аеродром, кој со серија 14-3 успеа дури и да го изедначи резултатот (76-76). Егал ситуација имаше уште еднаш (78-78), по што гостите со мини-серија 5-0 повторно се одлепија на влезот во последната минута, што и на крајот им ја обезбеди победата. Македонскиот тим беше подобар речиси во сите статистички категории, со оглед што шутираше (49%-47%), скокаше (30-28) и асистираше 917-11) подобро од противникот, а ги погоди сите 18 удари од линијата за слободни фрлања, но немаше среќа да се израдува на третата победа.

Абдул-Малик Аби одигра одличен меч со 19 поени и 11 скока, а веднаш зад него беа Војдан Стојановски со 20 и Дастин Вер со 16 поени. Трае Бел-Хајнс со 22 поени беше најпрецизен кај гостите од Подгорица.

МЗТ Скопје сега има скор 2-14, пред низата средби против противници кои реално може да се победат. Прва од таквите пресметки и гостувањето кај Студентски центар следниот викенд.