
МЗТ без притисок по изненадување кај најдобриот тим на Јадранот!
Аеродромци се свесни дека против себе го имаат најголемиот фаворит за триумф во регионалното натпреварување и дека противникот веќе е виден како сигурен победник на овој меч. На „металците“ тоа им овозможува на паркетот да истрчаат без притисок, мотивирани да дадат се од себе и да пробаат да направат мало чудо односно да изненадат во салата „Александар Николиќ“.
„Црвена Звезда е евролигашка екипа со буџет десет пати поголем од нашиот. Но, тоа не значи дека на паркетот ќе истрчаме со бело знаме, бидејќи сме решено да дадеме сè од себе колку што можеме. Имаме и повредени играчи, но и покрај тоа одиме да се надигруваме и да уживаме во дуелот со јадрансиот првак“, вели Александар Петровиќ, тренерот на МЗТ.
Во сино-белата чета ќе ги нема повредените Адем Мекиќ и Еван Максвел, додека останатите му се на располагање на стручниот штаб. Ова е 13. меѓусебен дуел помеѓу овие два ривали, а вкупниот скор е 11-1 во корист на црвено-белите, со тоа што македонскиот првак досега никогаш нема победено во Белград.
Средбата директно ќе биде пренесувана на МТВ-3 каналот.