Кочов самокритичен: Ретко видена неодговорност, среќа е што победивме!

Максимално нервозен и ептен самокритичен беше Ѓорѓи Кочов, тренер на МЗТ Скопје, по триумфот на овој тим во вечерашниот дуел против Хелиос (70-69) на стартот од вториот турнир во АБА2-лигата во Бања Лука, пред сѐ поради големиот пад во играта на неговите избраници во второто полувреме.

Аеродромци доминираа во најголемиот дел од средбата, имаа во неколку наврати и предност од 12 поени, но на крајот се најдоа во ситуација да се „молат“ противникот да го промаши последниот шут за победа и тоа од ептен чиста ситуација. Згора на тоа, против себе имаа тим со само седум играчи, поради проблеми со коронавирусот.

„Единствена добра работа од оваа средба е што победивме. Знаевме што ќе се случува, знаевме дека ќе играат со шест-седум играчи, знаевме дека ќе играат зона, но сепак си дозволивме да си ја искомпликуваме судбината. Ваква неодговорност и вакви грешки какви што правевме во финишот досега немам видено. Единствена добра работа е што го промашија тој последен шут и што Триумфиравме. Среќа е што сме овде сите заедно, па уште вечерва ќе почнеме со корекција на сите работи што ги направивме погрешно денеска“, изјави Кочов по натпреварот.

Следен предизвик за МЗТ Скопје е дуелот со Слобода Ужице, кој се игра в петок.