Кочов: Ловќен игра одлично на домашен терен, но му ги знаеме слабите страни!

Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево, во некогашната црногорска престолнина Цетиње, ќе го одиграат мечот од 11. коло од АБА2-лигата против Ловќен (18 часот), во кој ќе пробаат да дојдат до четвртата победа во низа во оваа конкуренција.

Ова е последен натпревар од првата фаза од јадранското натпреварување во кој тимот од „Јане Сандански“ ќе стори сѐ за да го оствари третиот гостински триумф, со кој би го продолжиле притисокот врз лидерот на табелата, Борац Чачак. Аеродромци во моментов се второпласирани со скор 8-2, односно една победа помалку од српскиот претставник, но и со два успеха повеќе во однос на екипите што се зад нив на табелата.

Досегашните настапи во АБА2 му ја даваат фаворитската улога на МЗТ Скопје, но тренерот на овој тим, Ѓорѓи Кочов, е максимално претпазлив велејќи дека Ловќен е далеку посилен и понезгоден од позицијата на која во моментов е на табелата. Црногорците се десетопласирани со четири победи и шест порази.

„Против себе ќе имаме екипа која игра квалитетно, особено на домашен терен и која има искусни кошаркари на сите позиции. Фактот што Ловќен игра пред своите навивачи го прави овој тим за фаворит во оваа пресметка. Но, ги знаеме нивните силни и слаби страни и подготвени сме да дадеме сè од себе за да го однесеме мечот во неизвесна завршница и во неа да славиме. Очекувам максимална индивидуална одговорност од секој од моите играчи“, изјави Кочов.

„Металците“ на овој меч ќе настапат засилени со српскиот интернационалец Ѓорѓе Милошевиќ, кој пред неколку дена потпиша договор до крајот на сезоната. Здравствени проблеми нема, па стручниот штаб на аеродромци е на слатки маки при изборот на кошаркарите кои ќе добијат минутажа во оваа пресметка.

МЗТ Скопје засега има стоотстотен скор со Ловќен во АБА2, откако минатата сезона ги доби двата дуели и тоа со 85-67 во екстремно студеното Цетиње и со 100-90 во „Јане Сандански“.