Илиевски ѝ се враќа на кошарката како спортски директор во Цедевита Олимпија!?

Еден од најдобрите македонски кошаркари на сите времиња, Владо Илиевски, е пред враќање во кошарката и тоа како спортски директор на еден од тимовите со најголем рејтинг во моментов во регионот, Цедевита Олимпија.

Тој би го заменил поранешниот соиграч Сани Бечировиќ, кој е пред преселба во Панатинаикос, што отвора простор на нашата легенда да се врати во составот од Љубљана, кој пред неколку години настана со фузија за Цедевита и на Олимпија, за кои тој има настапувано во минатото. Илиевски изминативе четири години беше претседател на словенечкиот прволигаш Илирија, а долго се шпекулираше дека сака да ја презеде Струмица, што сепак не се оствари.

Како прв негов потег на новата функција се шпекулира дека ќе биде именувањето на Симоне Пјаниџани, поранешниот селектор на Италија и негов тренер во времето кога играше за Монтепаски. Тој би дошол на местото на Миро Алилович, кој ќе ја доври сезоната како привремен тренер по заминувањето на Јурица Големац.