МЗТ Скопје против хрватски тим од БиХ брка јадрански „пет од пет“ во Аеродром

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со сериозните испити во АБА2-лигата, откако вечерва, во „Јане Сандански“, доаѓа актуелниот шампион на БиХ и директен конкурент за највисок пласман, тимот на Широки, меч во кој „металците“ ќе се обидат да го задржат непобедливиот статус на домашен терен.

Сино-белите досега одиграа четири меча во Аеродром и сите ги добија, меѓу кои беше и големото дерби против лидерот на табелата, Борац Чачак. Тренерот на македонскиот шампион, Ѓорѓи Кочов, добро знае против кого треба да игра неговиот тим и пред сѐ ќе инсистира неговите избраници да одговорат на идентичен начин на големата агресивност на ривалот од хрватскиот дел на БиХ.

„Играме против екипа која е физички на високо ниво, која игра агресивна одбрана и која е одлична во транзиција. Тоа е тим кој минатата сезона беше шампион на БиХ, што доволно говори за нивниот квалитет и сериозност. Очекувам максимална ангажираност од моите играчи и се надевам дека на идентичен начин ќе одговориме на нивната агресивност. Би сакал да имаме голема поддршка од трибините, која мислам дека многу ќе ни значи на овој натпревар“, вели Кочов.

За МЗТ Скопје ќе дебитира последното засилување, Бојан Радуловиќ, кој и тоа како ќе им биде од помош на аеродромци во борбата под кошевите. Американецот Ерон Херис, пак, полека влегува во ритам, што дефинитивно отвора нови опции во играта на тимот што минатата сезона „за влакно“ не успеа да се врати во елитната лига на Јадранот.

Ова ќе биде петти меѓусебен дуел на двата тима, а прв во АБА2-лигата. Досегашниот скор е 3-1 во корист на аеродромци и тоа на средбите одиграни во периодот од 2012 до 2014, кога босанскиот тим беше дел од АБА-лигата. „Металците“ имаат два од два на домашен терен против Широки, а единствениот пораз го претрпеа дури по едно продолжение.