Хрватот од МЗТ му се „поклони“ на охриѓанецот кој спаси 70 негови сонародници од сигурна смрт! (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје изминатиов викенд без никакви проблеми на домашен терен го совладаа тимот на АВ Охрид, меч кој сите брзо ќе го заборават, освен хрватскиот интернационалец во дресот на „металците“, Иве Иванов, кој доби неочекувана шанса да се запознае со херој кој во војната спаси голем број негови сонародници од сигурна смрт.

Станува збор за охриѓанецот Љупче Атанасов, кој како подофицер во Југословенската народна армија (ЈНА) во 1991 година се нашол во ситуација да решава за судбината на стотина воени заробеници за кои тој бил директно одговорен, а кои всушност биле обични цивили од Вуковар. Тој добил наредба да ги чува додека српската паравојска не ги испитува, но самиот бил сведок како 20-тина од нив биле однесени на егзекуција. Поради тоа, храбриот охриѓанец на своја рака ги префрлил преостанатите заробеници во касарната на ЈНА каде што набрзо потоа биле ослободени.

Храбриот подофицер на поранешна ЈНА сега работи како физиотерапевт во кошаркарскиот прволигаш АВ Охрид, нешто што веќе му беше познато на Иванов, кој ја искористи можноста да се запознае и да му се „поклони“ на херојот од граѓанската војна во Хрватска.

„За мене е огромна чест што го запознав овој голем човек, поради кој голем број Хрвати останаа живи во војната. Неговата приказна е инспиративна и најдобар доказ за човечноста која не е поврзана со националноста. Да се изреагира така во време кога за најмала ситница летала главата е ретко виден хероизам. За сѐ тоа сум му бескрајно благодарен како и сите останати Хрвати“, вели Иванов.

Приказната за Атанасов беше топ-тема во хрватските медиуми пред пет години, кога во Вуковар имаше средба со луѓето кои продолжија да живеат исклучиво поради него. Токму поради овој негов човечки гест во едни луди времиња на просторот на поранешната заедничка држава, поради кој можел да заврши на воен суд, Атанасов во Хрватска беше наречен – македонскиот Шиндлер.

Ова е втора слична приказна поврзана со Хрват од таборот на МЗТ Скопје и херој од Македонија од времето на граѓанската војна во деведесетите години од минатиот век. Пред две години, поранешниот тренер на „металците“, Анте Назор, се поклони пред гробот на адмиралот Драгољуб Боцинов, кој го спасил неговиот роден Сплит од гранатирање.