Грците плачат: КФМ не смее да ја избрише „Северна“ - тоа е кршење на Преспанскиот договор!

Најавата на новото раководство на Кошаркарската федерација на С. Македонија (КФМ) предводено од Томица Главчев за бришење на придавката „Северна“ од името на оваа организација позитивно беше прифатена од домашната јавност, но истовремено предизвика паника во соседна Грција.

Грчките медиуми (види ТУКА) утринава се „тркаат“ кој ќе напише нешто повеќе на оваа тема, повикувајќи се дека промената на името би бил „дипломатски скандал“ и кршење на Преспанскиот договор.

„Промената на раководството во Федерацијата, со преземањето на функцијата од страна на Томе Главчев, означува пресврт во политиката и идентитетската ориентација. Главчев, со својата иницијатива за враќање на старото име, повторно ја отвора една дипломатски чувствителна тема која се сметаше за затворена. Изборот на ова име не е случаен. Терминот „македонски“ носи посебна симболика и допира до длабоки прашања поврзани со националниот идентитет. Преспанскиот договор, потпишан во 2018 година, наложуваше измена на имиња и симболи кои го содржат терминот „Македонија“, кога тој не е проследен со географската одредница „Северна“. Во рамките на овој договор, Кошаркарската федерација беше една од првите институции што го променија своето име. За време на претседателскиот мандат на поранешниот кошаркар, Перо Антиќ, Федерацијата се откажа од името „Македонска кошаркарска федерација“ и го усвои името „Кошаркарска федерација на Северна Македонија“, согласно со договорот. Тој потег тогаш беше оценет како значаен чекор кон исполнување на обврските што државата ги презеде пред меѓународната заедница“, пишуваат грчките медиуми.

Плачењето на јужниот сосед дефинитивно нема да биде причина челниците на КФМ да ја прекинат иницијативата, со која се предвидува преименување во Македонска кошаркарска федерација (МКФ), што дефинитивно е најдобра опција и е враќање на името пред додавката на омразената придавка „Северна“, или, пак, во Национална кошаркарска федерација.