Драматично е во Белград: Кошаркарските храмови преку ноќ станаа – болници (ФОТО)

Спортските објекти во Белград, во кои до пред само еден месец можеа да се следат фантастични кошаркарски натпревари од Евролигата, АБА-лигата и домашното првенство, од сабота и официјално ќе добијат нова намена, односно ќе станат – болници.

Според најновиот план на нашиот северен сосед за борба против коронавирусот, од претстојниот викенд ќе почне опремување на арената „Соко Штар“ и на салите „Александар Николиќ“ (поранешен „Пионир“) и „Ранко Жеравица“ (поранешен „Дом на спортовите“) за тие да може да се користат за прием на болни од болеста Ковид-19.

„Правиме три импровизирани болници бидејќи ситуацијата е драматична. Во петок завршуваме со подготовката на пакетите за пензионерите со ниски примања, по што ќе следува дезинфекција на овие три спортски објекти, а во самота на пладне ќе ѝ ги предадеме на војската за да се користат како место за лекување на заразените со коронавирусот“, изјави заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

Според него, во три доскорешни храмови на кошарката ќе може да бидат сместени околу 2.500 пациенти.