Денот кога загина Дражен: Дождлив автопат, прекинат сон и наследство што трае 33 години!

Денешниот датум е еден од најцрните во историјата на светскиот спорт, откако на 7 јуни 1993 година светската кошарка загуби еден од своите најголеми генијалци.

На дождлив германски автопат, на само 28 години, згасна животот на Дражен Петровиќ – човекот кого многумина и денес го нарекуваат кошаркарскиот Моцарт. Поминаа повеќе од три децении, но болката не избледува. Напротив, секоја нова генерација повторно ја открива приказната за момчето од Шибеник, кое со неверојатна работна етика, талент и карактер успеа да го освои светот и да ги урне бариерите за европските кошаркари во НБА-лигата.

Кобниот 7 јуни дојде часови по натпревар на „коцкестите“ во Полска на дополнителните квалификации за ЕП 1993 на кои учествуваше и Македонија. Хрватска можеше да обезбеди пласман и без него, но Дражен донесе одлука која подоцна ќе се покаже како судбоносна. Тој дојде да игра, а по завршувањето наместо со репрезентативците да се врати со авион преку Франкфурт за Загреб, решил патот да го продолжи со автомобил за да се види со својата тогашна девојка, германската манекенка и кошаркарка Клара Салантци.

Околу 17:20 часот, на автопатот А9 кај Денкендорф, недалеку од Инголштат, црвен „Фолксваген голф“ се движел кон Минхен. Зад воланот била Клара, на совозачкото седиште спиел Дражен, а на задното седиште седела турската кошаркарка Хилал Едебал. Во истиот момент, камион во спротивната насока изгубил контрола, ја пробил централната заштитна ограда и се испречил преку сите три коловозни ленти. Видливоста била исклучително лоша поради силниот дожд. Автомобилот во кој се наоѓал Петровиќ со голема брзина удрил во камионот. Ударот бил фатален. Дражен, кој не бил врзан со сигурносен појас, бил исфрлен од возилото и починал на самото место. Неговиот златен часовник застанал во 17:20 часот. Имаше само 28 години.

Клара и Хилал преживеале, но со тешки повреди. Германската полиција подоцна утврдила дека автомобилот се движел пребрзо за условите на патот. Сепак, според германското законодавство, не било можно да се докаже дека несреќата ќе била избегната и при помала брзина, поради што Клара никогаш не била кривично гонета. Особено трагична е приказната на Хилал Едебал. Тогаш 23-годишната турска репрезентативка минала осум недели во кома. Претрпела сериозни повреди на главата, раката и колкот, а нејзината ветувачка кариера засекогаш завршила. Следувале години на физичка и психолошка рехабилитација, проблеми со меморијата и тешка борба за нормален живот.

„Сè беше совршено во мојот живот до тој ден и до таа фатална несреќа“, изјави таа години подоцна.

Додека Хилал се борела со последиците, Клара по закрепнувањето се вратила на манекенството и кошарката. За трагедијата никогаш јавно не зборувала. Подоцна се омажи за германската фудбалска легенда Оливер Бироф и формираше семејство, но сенката од несреќата остана засекогаш дел од нејзиниот живот. Веста за смртта на Дражен ја потресе Хрватска во еден од најтешките периоди од нејзината понова историја. Во време кога земјата сè уште ги чувствуваше ужасите на војната, заминувањето на спортскиот херој беше национална трагедија.

На комеморацијата, генералниот менаџер на Њу Џерси нетс, тимот за кој во моментот на смртта настапуваше легендарниот кошаркар, низ солзи изјави:

„За мене ова е како да сум изгубил син“, кажа Вилис Рид.

Легендарниот тренер Чак Дејли едвај наоѓал зборови, потсетувајќи дека ваквите трагедии нè потсетуваат колку животот е драгоцен. Братот Александар Петровиќ и денес зборува за наследството што го остави Дражен. Не само за титулите, рекордите и медалите, туку за фактот дека токму тој беше пионерот кој им го отвори патот на европските кошаркари кон НБА. Мајката Бисерка Петровиќ со децении неуморно го чува споменот на својот син преку музејот и бројните иницијативи посветени на неговото име.

„Живееше за кошарката. Секој ден сакаше да биде подобар. Тој пламен и денес гори во срцата на многумина“, често знае да каже таа.

Еден од најемотивните спомени го раскажа неговиот пријател и соиграч Дино Раѓа. Тој се присети на нивната последна расправија по еден безначаен натпревар во Полска и на помирувањето утредента.

„Седевме на кафе јас, Дражен и Стојко. Тој преку Стојко ми порача дека сум идиот, јас преку него му вратив истото. Таков беше Дражен. Не постоеја неважни натпревари. Секогаш мораше да дадеш 100 проценти. Затоа беше лидер“, речи низ солзи Дино.

Раѓа откри и морничав детал. Во моментот кога авионот со репрезентативците летал над Германија, пилотот ги предупредил патниците да се врзат поради турбуленции и темни облаци под нив. Токму таму, некаде под авионот, се случувала трагедијата што засекогаш ќе ја промени кошарката. Колку Дражен остана жив во срцата на луѓето покажа и меморијалниот спектакл во Загреб во септември 2024 година. Пред повеќе од 15.000 гледачи, со помош на вештачка интелигенција беше прикажан негов холограм. Дражен повторно ја водеше топката, повторно им се обрати на навивачите, а многумина не успеаја да ги сокријат солзите.

Во 2024 година неговата животна приказна беше преточена и во биографскиот филм „Дражен“, во режија на Данило Шербеџија. Филмот го следи патот од шибенските улици, преку европските паркети и НБА-сцената, до трагичниот крај на германскиот автопат. Публиката и критичарите го пречекаа со воодушевување бидејќи успеа да ја долови не само спортската величина, туку и човечката страна на човекот кој живееше за кошарката. Дражен остави неизбришлива трага во светскиот спорт. Неговата страст, опсесијата со тренингот и желбата секогаш да биде подобар остануваат инспирација за генерации спортисти.

Неговиот живот беше сурово прекинат на дождлив германски автопат, но легендите не умираат. Тие продолжуваат да живеат низ спомените, снимките, приказните и срцата на луѓето. И затоа, и денес, 33 години по неговото заминување, истите зборови одекнуваат најсилно:

Животот лета, капитене...