„Босанскиот Перо Антиќ“ донира два респиратори и куп средства за дезинфекција!

Претседателот на Кошаркарската федерација на БиХ, Мирза Телетовиќ, во стилот на најголемите светски спортски ѕвезди даде значајна донација за болница во гратчето Коњич во близина на Мостар, каде што е роден, со цел да им се олесни борбата на лекарите против пандемијата со коронавирусот.

„Босанскиот Перо Антиќ“, според функцијата што ја извршуваат во матичните Куќи на кошарката и според фактот што двајцата беа првите претставници на своите земји во престижната НБА-лига, донира два респиратори како и куп средства за дезинфекција, маски и потребни лекарства. Претходно, голем број други спортисти, како од просторот на поранешна СФР Југославија, така и во цел свет, дадоа свој придонес со цел да се подобрат шансите во борбата против вирусот кој ја блокира целата планета.

Телетовиќ е поранешен репрезентативец на БиХ, кој кариерата ја почна во Слобода Тузла, а потоа, по шест годишно играше во Басконија, во 2012 година се пресели во НБА, настапувајќи за Бруклин нетс. Потоа играше за Феникс санс и Милвоки бакс по што во 2018 година се пензионира.