Заврши потрагата - Лејкерс го назначија Редик за нов тренер

Безмалку два месеца откако се раздели со Дарвин Хем, Лос Анџелес Лејкерс најде нов тренер кој треба да го врати тимот во НБА елитата и во борбата за шампионскиот трофеј.

Таа должност му припадна на неискусниот Џеј Џеј Редик кој досега не водел ниедна екипа во НБА, а последните три години, откако ја заврши играчката кариера, работеше како аналитичар на ЕСПН. Контактот со него беше воспоставен пред повеќе од еден месец, но поради тоа што имаше и други кандидати, изборот се пролонгира.

Од франшизата објавија дека го избрале Редик поради неговата способност за конекција со играчите и кошаркарската интелигенција. Како играч, беше член на Орландо, Милвоки, Лос Анџелес Клиперс, Филаделфија, Њу Орлеанс и Далас.

Јасно е дека и во овој случај главниот збор го имал Леброн Џејмс кој со Редик заедно води кошаркарски поткаст и е многу добар пријател.