За Јокиќ кога доаѓал во НБА: Најмногу што би можел е да игра како - Перо Антиќ!

Никола Јокиќ изминатите две години беше избиран за МВП на регуларниот дел од НБА-лигата, а годинава иако не го доби ова признание игра уште подобро водејќи го својот Денвер нагетс до големото финале, поради што речиси секојдневно илјадници светски медиуми пишуваат за неговата магија и фантастична игра.

Но, не секогаш новинарите биле одушевени од „буцкото од Сомбор“, па легендараниот Џорџ Карл потсети што тие пишувале во 2014 година, кога тој бил скаутиран за влез во најсилната лига на светот. Најспецифично за Србинот пишувал Даниел О'Брајан, кој важи за можеби најдобар проценител на млади таленти, но кој ептен ја утнал во случајот со Јокиќ, за кого велел дека најмногу што би можел е да игра како – Перо Антиќ.

„Јокиќ е кошаркар без атлетски предиспозиции, кој, сепак, би можел да преживее во НБА. Ако би имал прецизен шут и би носел исправни одлуки на теренот, тој би можел да биде послаба верзија на Борис Диао (француски репрезентативец-н.з.) или, пак, да биде само опасност од дистанца како Антиќ. Србинот најверојатно би бил четврта или петта опција во нападот и тоа само ако се покаже како ефикасен. Неговата лоша игра во одбраната нема да му дозволи да игра повеќе од 30 минути на меч, ниту да биде стартер“, напишал и тотално погрешил О'брајан во 2014 година.

Јокиќ изминативе години сруши многу рекорди и за многумина уште сега е најдобар центар во историјата на НБА.