Ветеранот Џамал Крафорд се врати во НБА: Ќе настапува за Бруклин

Џамал Крафорд по речиси една година прави кам-бек во НБА-лигата и тоа во дресот на Бруклин нетс. Ветеранот кој има 40 години треба да биде засилување за Нетс, кои во Дизниленд ќе ја продолжат сезоната без играчи како Кајри Ирвинг, Кевин Дурент, Вилсон Чендлер, Денадре Џордан и Ник Клакстон.

Крафорд кој своевремено важеше за еден од најатрактивните играчи во лигата и неверојатен дриблер, оваа сезона немаше тим откако лани играше за Феникс. Во кариерата дури три пати беше прогласуван за најдобар шести играч во лигата.

Беше драфтуван како осми пик во 2000 година од Чикаго булс, потоа од 2004 до 2008 играше за Њујорк, по една сезона го носеше дресот на Голден Стејт, Атланта и Портланд. Најдолго се задржа во Лос Анџелес клиперс од 2012 до 2017, а потоа мина уште по една сезона во Минесота и Феникс.

Бруклин утринава потпишаа со уште еден играч, кој сезонава беше слободен агент, односно немаше клуб. Се работи Мајкл Бизли, кој последен пат играше лани за Лос Анџелес лејкерс. Некогашниот втор пик на драфтот важеше за огромен талент, кој никогаш не го достигна својот потенцијал. Сега на 31 година има многу клубови зад своето име како Мајами, Минесота, Феникс, Хјустон, Милвоки и Њујорк, а во два наврати играше и во Кина за екипите на Шангај Шаркс и Шандонг Голден старс со кој ја освои шампионската титула и беше прогласен за МВП на сезоната.