Шампионот Лејкерс се засили со двајца кошаркари

Синоќа во НБА-лигата започна „слободната агенција“, а тимовите можат да потпишуваат договори со играчите кои се слободни агенти, но и да прават трејдови. 

Лос Анџелес лејкерс потпишаа со двајца играчи. Се работи за Весли Метјуз, кој до минатата сезона играше за Милвоки бакс и Монтрезл Харел, кој беше дел од Лос Анџелес клиперс пред да ја искористи опцијата да биде слободен агент.

26-годишниот Харел изминатите три сезони беше дел од Клиперс, а првите две сезони во кариерата ги играше во Хјустон. Тој игра на позицијата центар и високо крило, а лани ја доби наградата за најдобар шести играч во НБА-лигата. Со Лејкерс потпиша на две години за 19 милиони долари.

Искусниот Метјуз (34) потпиша едногодишен договор со Лејкерс, а тој треба да е засилување на позицијата ниско крило. Минатата сезона играше за Милвоки, а претходно го носеше дресот на Индијана, Њујорк, Далас, Портланд и Јута.

Претходно Лејкерс во своите редови го доведоа Денис Шредер од Оклахома, а засега си заминаа само Дени Грин и Квинси Кук. Се очекува од таборот на шампионот да си заминат и Ражон Рондо и Кентавиус Калдвел-Поуп, кои ја искористија опцијата во своите договори да бидат слободни агенти. Пред заминување е и центарот Двајт Хауард, кој најверојатно кариерата ја продолжува во Филаделфија.